По првиот ROG Phone, кој беше промовиран како гејмерски уред, Asus ја подготвува втората генерација од овие телефони.
Според новите информации, ROG Phone 2 ќе биде еден од првите уреди кој ќе доаѓа со новиот и моќен Snapdragon 855 Plus. Овој процесор треба да донесе 15% подобри графички перфоманси, како и поголема брзина.
Уште една интересна карактеристика е големата батерија од 5,800 mAh. Како за споредба, оригиналниот ROG Phone доаѓаше со батерија од 4,000 mAh.
Преминувајќи на неговиот изглед, уредот ќе има димензии од 170.99 x 77.6 x 9.78 mm. Како и со батеријата, тоа се поголеми димензии од оние на неговиот претходник ( 158.8 x 76.2 x 8.6 mm). ROG Phone 2 ќе биде поголем и од OnePlus 7 Pro, кој веќе се сметаше за прилично голем со неговите димензии од 162.6 x 76 x 8.8 mm. Но, бидејќи станува збор за гејмерски телефон, големината најверојатно нема да биде проблем. Плус, благодарение на тоа, уредот ќе има и голем панел од 6.6 инчи.
Официјалниот датум на претставување на ROG Phone 2 сеуште не е познат.