Google ќе го претстави својот Pixel Tablet на својата I/O конференција, а во пресрет на тој настан беа откриени спецификациите и цената на овој таблет компјутер.
Детали за Pixel Tablet се појавија на јапонската верзија на Amazon, откривајќи дека ќе биде уред од 11 инчи напојуван од процесорот Tensor G2 на Google, поврзан со 8 GB RAM и до 256 GB внатрешна меморија.
Корисниците ќе имаат на располагање LCD екран со резолуција од 2.560 x 1.600 пиксели и осветленост од 500 нита, додека батеријата на таблетот ќе нуди до 12 часа гледање видеа. Исто така, уредот ќе поддржува USI 2.0 молив. На предната и задната страна ќе има камери од 8 MP, а уредот е опремен со четири звучници, три микрофони и USB-C порта за полнење. Се наведува и дека ќе го поддржува мрежниот протокол Wi-Fi 6.
Продажбата треба да започне на 20 јуни, а основниот модел со 128 GB внатрешна меморија во Европа ќе чини 600 евра.
Google првпат го најави Pixel Tablet со Android на I/O конференцијата минатата година, а треба да доаѓа со безжичен док кој ќе функционира како станица за полнење и звучник. На овој начин таблетот ќе може да се користи како „паметен екран“.
Се очекува уредот да биде достапен во четири бои покрај веќе познатите комбинации зелено/црно и беж/бело. Се шпекулира дека би можеле да видиме и розова варијанта.
Покрај Pixel Tablet, Google во среда би требало да ги претстави и Pixel Fold и пристапниот Pixel 7a, а можеби и да ги најави претстојните телефони Pixel 8 и Pixel 8 Pro.