За почеток, Android 14 е достапен на телефоните Pixel, а до крајот на годината треба да го видиме и на уреди од други производители.
На настанот Made By Google 2023, покрај телефоните Google Pixel 8 и Pixel 8 Pro, технолошкиот гигант официјално го промовираше најновиот Android оперативен систем – Android 14. Очекувано, новиот ОС не носи драстични промени, но нуди некои многу интересни опции за прилагодување, безбедност и пристапност.
Први на кои ќе им биде достапен Android 14 се сопственици на Google Pixel телефони (Pixel 4a 5G и понови), а Google вели дека новиот оперативен систем ќе имаме можност да го видиме до крајот на годината на Samsung, Xiaomi, vivo, realme, TECNO, Sony, Sharp, Nothing, OnePlus и Oppo уредите.
Android 14 значително ги проширува можностите за приспособување на почетниот и заклучениот екран. На пример, корисниците сега можат да поставуваат монохроматски теми, но и кратенки за апликации на заклучениот екран, со цел побрзо да им пристапат. Исто така, постои можност за полесно менување на сликата на позадината, а сопствениците на еден од моделите од серијата Google Pixel 8 ќе можат да користат вештачка интелигенција за да креираат нови врз основа на само една реченица – слично на софтверот DALL-E. Вештачката интелигенција исто така ќе може да го преуреди екранот на различни начини за да се прилагоди на различни ситуации, како што е зголемување на виџетот за временска прогноза за време на бура.
На безбедносен план, Android 14 нуди уште поголема контрола врз споделувањето на информациите од апликациите. Корисниците ќе добиваат јасни известувања кога апликациите бараат работи како локација и кога тие информации се споделуваат со трето лице. За да ја подобри безбедноста на уредот, Google сега бара поставување на шестцифрен PIN број, а по точниот внес, повеќе нема да биде потребно да се потврдува PIN со притискање на „Enter“.
Кога станува збор за пристапноста, новиот оперативен систем носи поддршка за оние кои имаат проблеми со видот или слухот. Корисниците сега можат да го зголемат само делот од екранот што сакаат да го прочитаат, а менувањето на големината на фонтот стана побрзо и полесно. Дополнително, за оние кои не слушаат известувања, додадена е можност за трепкање на екранот и блицот.
Конечно, функцијата што најмногу ја очекуваме е можноста да го користиме телефонот како веб-камера на компјутерите со Windows, Mac и ChromeOS. Иако оваа функција е достапна преку различни апликации од трети страни, корисниците долго време бараат таа да се појавува на ниво на оперативен систем. За жал, оваа функција нема да работи безжично, туку преку USB-кабел и нема да биде веднаш достапна. Сепак, Google ветува дека ќе дојде наскоро.