Откако прескокна цела година, Apple планира целосно да ја освежи својата линија на iPad.
Новинарот на Bloomberg, Марк Гурман, наведува дека Apple не претставил нов iPad во текот на 2023 година, што никогаш не се случило во историјата на овој уред. Иако до крајот на годината остануваат помалку од два месеца, Гурман верува дека нема да видиме нов iPad. Тој тврди дека Apple планира да ја освежи целата линија на iPad наредната 2024 година.
„Apple можеби се обиде да ги забрза работите и да претстави повеќе производи, но подобрените iPad и AirPods слушалките сè уште не се подготвени за пазарот. Компанијата планира да ја освежи iPad линијата во текот на 2024 година“, рече Гурман.
Тој не прецизираше за кои модели станува збор, но „целата линија“ треба да ги вклучува iPad mini, iPad, iPad Air и iPad Pro. Сите овие уреди беа освежени во 2022 година, освен iPad mini, кој ја доби најновата верзија во 2021 година.
Гурман тврди дека новите AirPods слушалки ќе пристигнат следната година, додека AirPods Pro нема да ги видиме до 2025 година.
Apple неодамна претстави три нови процесори – M3, M3 Pro и M3 Max – но компанијата се подготвува да лансира уште помоќен M3 Ultra процесор. Сепак, овој процесор сѐ уште не е во фаза на пошироко тестирање.
Што се однесува до MacBooks, следната година се очекуваат новите 13 и 15-инчни MacBook Air, како и Mac mini.